Картата со оцена од заедницата претставува истражување со кое десетта година по ред се испитува пристапот до услугите за репродуктивно здравје на Ромките од Шуто Оризари во период на бременост, за време на породување и во првите месеци од мајчинството, во услови на пандемија.

Ромките од Шуто Оризари во 2021 година се соочија со тешкотии при остварувањето на нивните сексуални и репродуктивни права, особено поради пандемијата предизвикана од ковид-19 и недостигот на матичен гинеколог во Шуто Оризари.

Токму затоа, Иницијативата на жени од Шуто Оризари започна со застапување за решавање на долгогодишниот проблем на непостоење примарна здравствена заштита во репродуктивниот период, кој повторно се појави со затворањето на гинеколошката ординација во јануари 2020 година.

Како последица на ова, Ромките во репродуктивен период беа изложени на дополнителен трошок и ризик, поради времетраењето на административните процедури за започнување со работа на новиот матичен гинеколог. Воедно, тие беа изложени и на зголемен ризик од инфекција со ковид-19 поради потребата да одат во други општини за да го остварат своето право на примарна гинеколошка заштита. Кон крајот на април 2021 година, во Поликлиниката Шуто Оризари се отвори гинеколошката ординација која ги пружа услугите од областа на примарната здравствена заштита.

Истражувањето потврдува дека Ромките и натаму наидуваат на голем број пречки при остварување на правото на здравствена заштита и на грижа за репродуктивното здравје. Поради немањето на лична документација, дел од Ромките не се здравствено осигурани и со тоа не се во можност непречено да ги користат услугите во здравствените установи од областа на здравствената заштита.

Истражувањето покажува алармантни резултати во делот на опфатот со патронажни посети на Ромките во текот на бременоста и по породувањето. Само 2 % од жените биле посетени во текот на бременоста од страна на патронажна служба, иако според политиките Ромките треба да бидат посетени најмалку два пати. Истражувањето покажува дека сè уште постои пракса на незаконска наплата за услугите кои им следуваат бесплатно на жените во текот на бременоста.

 

KARTA-SO-OCENA-OD-ZAEDNICATA-2021