Сакајќи да испитаат како новодонесената социјална реформа и владините мерки усвоени во услови на пандемијата со ковид-19 влијаеја врз квалитетот на живот на граѓаните, во 2021 година ХЕРА, Ромалитико – Институт за истражување и анализа на политики и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари го спроведоа истражувањето „Истражување за искористеност на правата од социјална и детска заштита_ХЕРА и Ромалитико“.

Опфаќајќи 950 Роми и Ромки од вкупно 16 општини од целата држава, ова истражување прави анализа на искористеноста на правата од социјална и детска заштита од страна на ромската заедница во 2019 и 2020 година, опфаќајќи ги сите фази – од информираноста на ромското население за социјалните права и поднесувањето на документите до исходот од самото аплицирање.

Дел од наодите посочуваат дека исклучително високи 92 % од опфатените испитаници не поднеле жалба откако добиле негативно решение во врска со некое социјално право и тоа, главно поради недовербата во институциите и немањето комплетна документација. Од друга страна, поради тоа што вработените изоставиле одредени информации и поради недоволното познавање на македонскиот јазик, 36 % од испитаниците не знаеле кои се условите и критериумите за остварување на одредени права од социјалната и детската заштита.

Покрај тоа што дава преглед на состојбата на терен, истражувањето дава и препораки за законски измени и дополнувања за да се подобрат достапноста и искористувањето на правата од страна на ранливите категории, особено од ромската заедница.

Istrazhuvane-za-iskoristenost-na-pravata-od-soczijalna-i-detska-zashtita_HERA-i-Romalitiko