Иако државниот буџет за 2023 година се планира да биде најголемиот во 30-годишното постоење на државата, се кратат средства во дури 7 од 10 превентивни програми за здравствена заштита

И покрај значителното зголемување на државниот буџет планирано за 2023 година, здравствената заштита за превенција се намалува за дури една третина во споредба со претходните две години, а кратење има во дури 7 од 10 превентивни програми, алармираа граѓанските организации ЕСЕ, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Платформата на организации за заштита од ХИВ на денешната конференција за печат што се одржа пред Собранието на Р.С. Македонија.

Кратења има во програмите за превенција на кардиоваскуларни болести, за организирање и унапредување на крводарителството, за превентивна здравствена заштита, за задолжителна имунизација, за спречување на бруцелозата, за спречување на туберкулозата, за заштита од СИДА и за активна здравствена заштита на мајките и децата. Вкупниот буџет на програмите за превентивна и за куративна здравствена заштита е на исто ниво како и оваа година, и покрај тоа што во 2023 година државниот буџет ќе биде најголемиот досега од осамостојувањето на државата.

Наместо да расте правопропорционално со државниот буџет, буџетот на Министерството за здравство останува тукуречи непроменет и од 3 %, колку што изнесувал во периодот 2018 – 2020 година, следната година ќе претставува само 2,1 % од вкупниот буџет.  

„Пред две години, Комитетот на ООН за елиминација на дискриминацијата на жените (CEDAW) донесе одлука со која ја задолжи државата да обезбеди пристап до здравствени услуги за маргинализираните групи на граѓани, а наместо тоа само се намалуваат средствата за програмите кои ним им се наменети“, потсети Алмира Фаслији Муарем од Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“, нагласувајќи дека со ваквите буџетски кратења се загрозува репродуктивното здравје на Ромките, а особено на бремените жени кои се здравствено неосигурани и жените без лична документација.

Граѓанските организации ЕСЕ, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Платформата на организации за заштита од ХИВ бараат од пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, особено членовите на Комисијата за финансирање и буџет, да ги усвојат амандманите на предлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година во Раздел 19001 – Министерство за здравство,  за кои веќе имаме доставено предлози. Последователно, се бара истите амандмани да бидат прифатени од страна на Владата на Република Северна Македонија, соодветно да бидат вметнати во Дополнетиот предлог-буџет на Република Северна Македонија за 2023 година и да станат дел од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година. Очекуваме транспарентност и соработка од сите одговорни страни, вклучително и Владата, со оглед дека се работи за здравјето на нашите граѓани.